Два ангела пристигнаа вчера квечерум. Ги пречекавме и ги удостоивме со опасност за нашиот живот. Денес не снежи сол врз нашите кожени хитони. Сонцето не е матна ламба обесена на небото. Верувам.
Денес едно блескаво море ми ја ограбува тишината. Еден забревтан пес истрчува по крајбрежјето. Им се радувам на дрските школки и на облите белутраци, врвам врз водите. Нема граници.
Им веруваме на клавирите, на мачките од ќерамидите, на разјарените и сити пантери. Им верувам на византиските литургии, на запалените свеќи и на светците. Јас ѝ верувам на жена ми и на моите деца им верувам. Мојот ден нема заоѓање.
(По извесно време знам кои зборови ги опсадуваат твоите кошмари. И можам, ако сакаш, да ги соопштам.)
Превод од грчки јазик Паскал Гилевски