Над облаците на нашиот град, постои еден друг град прицврстен со јажиња. Чадот од нашите облаци се неговите овошни стебла, соништатата на нашите деца, снежни невести на неговите готски камбанарии, нашите најпитоми зборови се житници што ги хранат исчезнатите цицачи на нашиот свет кои таму го продолжуваат својот безгрижен живот. Класја и страшила растат дури и во куќите, господските лебеди пливаат во градските канали и навечер треба само малку млеко во една чинија за да се појави скриената месечина во твојата градина. Таму живее колекционерот на гаврани, фамилијата Каскабел, балсамираниот Ленин и евангелистот Јован. Тоа е местото каде што живее светецот Пастернак со неговата забранета песна „Хамлет“ и светецот Самсон, хотелиерот со изгризените нокти.
Постојат многу подвижни скали, вратничиња и други тајни начини за да се стигне до горниот град. Јас таму се качувам губејќи се во твоите зелени мачкини очи.
Превод од грчки јазик Паскал Гилевски