Драгослав Дедовиќ – ИСПОУМРЕНИ ОД СМЕА

Последното лето пред војната
дуваме на терасата над Охрид
и се смееме до изнемоштеност.
Келнерот го именувавме Биљана.
Момчето ќе го прифати ова премногу лично
и повеќе нема да се појави.

Тревата понекогаш ти помага
да го набљудуваш времето како мрешкање на водата
и месечината – златеста рибина крлушка во блага темница.
Никој не е видовит додека се смее, инаку
би здогледале како мртви тела од светлата иднина
плутаат кон нас, низ слична вода, во слична ноќ.
Од ѕидот на кујната во ресторанот низ вжарениот прозорец
ни се смешка мртвиот Тито, детството е
далеку од плеистоценот, а рацете на странецот
сè уште ги немаат навлечено памучните ракавици
со фина четкичка да ја исчистат исушената глина
од личната карта.

Во меѓувреме – се смееме.
Секако, смеата не е видовита
и нема никој да навести толкава смрт.
Ни се враќа сериозноста на лицата колку да кажеме:
Штета што Биљана веќе не ни носи пијачки.

mk_MKMK