Ен Мајклс – КОПНО НА ХОРИЗОНТОТ

Цел ден небото
шепотеше во морето а едрата
никако да се наполнат. На пристанот,
песовите без наситка го пиеја воздухот
со разбарани јазици.
Спалени бевме таму каде алиштата
нè отскриваа. Надолу по булеварот,
панѕурите гласно тропаа на сонцето.
Дечиња пикаа пораки низ ролетните,
трошки хартија леткаа по улицата.
Љубовта нè бараше низ цел град, низ
кривулестата Altestrasse, под балконот на Ленин,
зад терасата каде Гете кафето си го пиел.
Во кафулиња каде ладот си го врти клучот
во сенка. Цел ден љубовта нè следеше
дури се искачувавме, од фонтана до мост.
Еден галеб лебдеше ко да беше
скршен. Цел ден љубовта прстите си ги влечеше
по стомаков, и нагоре по влажниот ми ‘рбет.
Непрестајно лицево го одвратував
од нејзиниот здив.
Градот се пробуди. Песовите ги оддиплија нозете
и станаа. Еден по друг, панѕурите се отвораа,
а бледи траги од гласови
го притискаа воздухот.
Истата самотија што нè затвора
повторно нè отвора.
Како коса разлабавена од морето,
бавно темнината во темнина се отвора.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски