Гајат Алмадун – МАСАКР

Масакрот е мртва метафора која ми ги јаде пријателите, ги јаде непосолени. Беа поети и станаа Репортери со граници; веќе беа уморни, а сега се уште поуморни. „Со брз чекор го преминуваат мостот в зори“* и умираат без телефонска покриеност. Ги гледам низ очила за ноќен вид и ја следам топлината на нивните тела во темнината; ете ги, бегаат од неа дури и додека трчаат кон неа, предавајќи се на овој огромен масакр. Масакрот е нивната вистинска мајка, додека геноцидот не е ништо повеќе од класична песна напишана од продуховени генерали во пензија. Геноцидот не е соодветен за моите пријатели, оти е организиран колективен чин, а организираните колективни чинови ги потсетуваат на Левицата која ги изневери.
Масакрот се буди рано, ги капи моите пријатели во ладна вода и крв, им ја пере долната облека и им прави леб и чај, па ги учи по малку и за ловот. Масакрот е помилосрден кон моите пријатели отколку Универзалната декларација за човекови права. Масакрот им отворил врата кога сите други биле затворени, и ги викал на име кога дневните извештаи барале бројки. Масакрот е единствениот кој им понудил азил без обѕир на нивното потекло; економските околности не го интересираат Масакрот, ниту пак му е гајле на Масакрот дали се интелектуалци или поети, Масакрот ги гледа работите од неутрален агол; Масакрот ги има истите мртви карактеристики како и нив, истите имиња како нивните вдовици, како нив поминува низ селата и предградијата и како нив ненадејно се појавува во ударните вести. Масакрот личи на моите пријатели, но секогаш пристигнува пред нив во далечни села и училишта полни со деца.
Масакрот е мртва метафора која излегува од телевизорот и ми ги јаде пријателите без ниту една ронка сол.

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески

_________________________________
* Цитат од песната “Мостот“ од либанскиот поет Халил Хави.

mk_MKMK