Те сакаме, Европо, ти стар континенту. Не знам зошто те викаат стар кога си млад во споредба со Египет и Месопотамија.
Те сакаме, Европо, и плаќаме даноци како и белците, и го трпиме твоето променливо расположение што наликува на твоето време, и сериозниот недостаток на витамин Д предизвикан од твоите темни зими. Те сакаме и нѐ растажува фактот дека никогаш нема да се навикнеме на оваа тмурна темнина во твоите долги зими, зашто тука се нашите пријатели Европејци, мислам на првичните жители кои ги родиле Ариевски мајки и татковци во твојот ладен север, кои како и ние и тие страдаат од депресија и недостаток на витамин Д, та според теоријата на еволуција, и тие се хомо сапиенс и дошле од Африка. Твоите првични жители, мислам на неандраталците кои еволуирале за време на леденото доба за да го издржат твојот студ, сега се изумрени.
Те сакаме, Европо, и не одрекуваме дека доаѓаме кај тебе од назадни третосветски држави, како што ти ги нарекуваш. Еве јас лично дојдов од Дамаск и истрпев многу клишеа, стереотипи и предрасуди од твоите писатели и поети. И покрај тоа што се сметам за феминист, здосадено ми е и преку глава ми е од постојаните површни прашања за ситуацијата со жените во Блискиот Исток. Сосема се согласувам дека жените во Сирија го добија правото на глас во 1949, но во Швајцарија, главниот град на вашите пари и парите на нашите диктатури и нивните тајни банкарски сметки, жените го добија правото на глас во 1971, а секако не беше така во сите швајцарски кантони: па добро бе, кантонот Апенцел Инероден им даде целосни гласачки права на жените во 1991!
Те сакаме, Европо. Ја сакаме слободата што ни ја даде кога пребегнавме до твоите раце, и се преправаме дека не го забележуваме расизмот кој се обидуваш да го ставиш под тепих додека ја чистиш дневната соба.
Те сакаме, Европо, љубовницо на колонијалното минато, убиецу на првичните жители, крвопиецу на народи од Индија до Конго, од Бразил до Нов Зеланд.
Љубовницо на Инквизицијата, спалувачу на жени ѓоамити биле вештерки, господарка на трговијата со робови која пренесуваше црнци во новиот свет, креатору на апартхејдот во Јужна Африка, основачу на фашизмот и нацизмот, изумителу на конечното решение за да се истребат Евреите, конечното решение поради кое се родив како бегалец во кампот Јармук во Дамаск зашто ти се дрзна да ја предадеш мојата држава Палестина како исплата, како надоместок и решение за холокаустот кој го извршија тие од твоите бели жители кои веруваат во чистотата на ариевската раса.
Те сакаме, Европо, и ги носиме твоите пасоши кои ни отвораат врати исто толку лесно колку што твоите куршуми им отворија дупки во телата на милиони Алжирци кои сакаа да уживаат во слободата побарана со твојата Француска револуција.
Те сакаме, Европо. Ја сакаме твојата уметност и ја мразиме колонијалистичката историја, го сакаме твојот театар и ги мразиме твоите концентрациони логори, ја сакаме твојата музика и го мразиме звукот на твоите бомби, ја сакаме твојата филозофија и го мразиме Мартин Хајдегер, ја сакаме твојата книжевност и го мразиме ориентализмот, ја сакаме твојата поезија и го мразиме Езра Паунд, ја сакаме слободата на говор во твоите граници и ја мразиме исламофобијата, ја сакаме твојата напредна цивилизација, твојот секуларизам, твоите правични закони и човековите права на твојата територија, и го мразиме твојот расизам, двојните аршини, твоето надмено гледиште и крвавата историја.
Земи си го нацизмот и дај ни го Емануел Кант
Земи си ги Црнокошулците и дај ни италијанско вино
Земи си го геноцидот во Алжир и дај ни го Бодлер
Земи си го Леополд Втори и дај ни го Рене Магрит
Земи си го Адолф Хитлер и дај ни ја Хана Арент
Земи си го Франко и дај ни го Сервантес
Земи си ги твоите работи и остави нѐ да си ги земеме нашите.
Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески