Гитис Норвилас – АКО

Ако бамбусова шума
израснеше
сред Алпските долини –
сега ќе користевме
бамбусови стапчиња за пишување
(ниедна рибарска трска не ќе беше уништена
при нивното правење)
ќе користевме хиероглифи
ХИЕРОГЛИФИ:
переци и змии
кровови и хоризонти
овали во форма на слива
игли дебели како влакно од јак
тетраедерски шуплини
елипси од воздушни дупки
копјести веѓи и рачки од секири
ножеви сечила и шила
вортекси од плетени јажиња
жабички од бескрајност
харпуни од коска
хебли и клешти
убоди од пчели
нишки од пајажини – – –
– – – – – – – – – –
сепак
ова нема да смени ништо
ќе пишувавме ко и сега –
од досада
очај
дур гриземе една цепеница од тага
кога смртта станува јасна
како утрото
во зеницата од окото на вилиното коњче
проследено од крави кои мукаат
и балерини кои скокаат низ рунолисјето.

Превод: Горјан Костоски