Гитис Норвилас – МОНОЛОГ ОД ГАЗЕРОТ НА ЕДНО БУРЕ: ГОЛЕМИ ПРИВАТИЗАЦИИ
црквата ја приватизира верата, господ, дури и вилицата негова, раните негови и чудата. Темида[1] ја приватизира вистината, иако ја поседуваше само правдата. анархистите ги приватизираа протестите, слободата и сè она против кое протестираа – нивното сало, нивните лицемерства мирисаат сомничаво. зен будистите ја приватизираа празнината со сета нејзина корисност бездната, искреноста, просењето. Парулскис[2] ја приватизира смртта, мртвите – немам кому да речам здраво наутро и со кого да испијам едно пиво. Кајокас[3] ги приватизира пеперутките, нивните сништа и ситници – како небаре тие да го движат светот. Марченас[4] – ангелите и скоро сите баналности. Марсинкевичиус[5] и бандата ги приватизираа јазикот и сенката на нашата држава, го скратија правото на човека да отвори уста, да си ја љуби родната земја, мислејќи дека се најпаметни, дека само тие знаат што прават. глупави гомнари! – друго име за нив нема. просечните писатели ги приватизираа мегафоните, и за време на јуришот го зазедоа возот со мастило. во него го удавија машиновозачот, многу им беше жал. Храбал[6] ја приватизира пресата за отпадоци од хартија, на која печатеше книги – сега супер би ни помогнал. Милош[7] ја приватизира Земјата Улрo, низ која моето детство ме носеше до Крекенава[8] близу реката Невежис. сега сум бездомник. Геда[9] приватизира сè, сè што остана, дури и сега наоѓа неоткриени територии, ги оградува со коски од мамут и се смее: – што ти виснале ушите така? не делуваш многу паметен… добар, добар … зборуваме во сон неодамна под некој мост, среќни пиевме клекнати крај водите на Лета. Мишò[10] со сите негови врсти идиоти ги приватизира сите опојни средства, соништа, правото на самоубиство, затоа сега сум пожив од кога било, чувствувам дека сè се движи кон добро, кон смрт, кон светлината на распаѓањето. море да не сум премлад? и што остана за нас? и што оставивте за мене и моите пријатели? и мравкава. најважно – мравкава, што ползи наопаку на капакот од бурето? ја гледам седнат на газерот – веќе имам кому да се противам. мравката, чие прдење е најубавата музика на светот за мене. седам, слушам, ја надополнувам музиката со чкрипењето на забиве, и чекам дури од честаците рајски да исползи со слатко смеење некој пијан голем бог кој ќе ја имплементира космичката национализација