Гитис Норвилас – СРЕЌНИ – ДУРИ СМЕ ВО ЕЗЕРОТО – – –

… со нашите грбови ги истуткавме чаршафите, разменивме ’рбетни столбови –
си игравме со нашите коски…
I
се прикрадуваме преку езерото со кајче, до другиот брег – – –
грлото ти го милувам со дел од јазиков, на вратот ти се искачувам, на рамењата, зглобовите
ти ги лижам, прстите, нурнувам во бунарот на твојот папок, меѓуножјето. цицам како
крлеж
кој демнел цело лето.
се прикрадуваме преку езерото со кајче – – –
ја ишмукувам сочната круша од брадата, каде пчели се гостат, откорнувам
зрели сливи од градите. ќе испукаат од зрелост, мрдаат наоколу ко
јагниња
кои летаат по ридот.
се прикрадуваме преку езерото со кајче – – –
милувам слепоочници со образов, минувам крај веѓи и чела, со усниве
откинувам
зрело зрно – од пот – – –
II
кога се прикрадовме преку езерото со кајче во ноќта, немајќи каде да си го скријат срамот
ѕвездите се накашлуваа во затворени тупаници. мавтавме со знамиња од облека, веславме
со нозете давевме мрежи на мемории, киневме котви кои нè врзуваа
за земјата. контра-ветер ни ги наби стенкањата в грло, и вриштењата и
цвилењата – –
немајќи каде да си го скријат срамот ѕвездите се накашлуваа во затворени тупаници – – –
кога се закотвивме до другиот брег, до провинцискиот град, Ад чинам беше, месечината
се смееше со полно грло – – –
и го накиснавме скелеџијата и го оставивме легнат во трските. со парите што му ги должевме
сакавме да купиме опиум и ракија. штом наближавме до брегот – брегот се оддалечуваше.
гледавме како, опкружен со животни, Пан свири на коска. немајќи каде да си го скријат срамот
ѕвездите се накашлуваа во затворени тупаници и зјапаа во езерата – отворените рани
на земјата, во која ние мрдавме, црви преполни со страст, гладни од желбата да живеат
и да умрат. секој за двајца. среќни – дури сме во езерото, среде овие бескрајности

Превод: Горјан Костоски

mk_MKMK