Мрачни облаци здивено ги полнат
со непроѕирна вода плитките гнезда –
исчезнуваат топлите воздишки
во напуштен замок
накиснати и прогонети
се трупаат бездомни птици
оловната вода ги поткопува темелите
на шумските домови –
чиниш секој миг ќе ги снема
дојаваа и палави ветришта
ја полнат шумата, го полнат замокот
со себеси и со тешката вода
како бледо привидение
низ просторот кораб едри
новите дни ги носи белокос старец
одамна водите ги чека
и гневот дамнешен сега што татни
уморна и студена е душата негова
не ги трга очите од бесното небо
одговор бара и одговор нуди
– потопите никогаш немале смисла
ќе си останат древните камења
на своите места во куќите
со мајчини раце галени
и со истите тревки птиците пак
гнездата ќе свијат
па некоја тивка ноќ
во нив и во првиот сон на децата
– тајните стари ќе ги пластат