Погледни како вишнеат дрвјата,
претрчува едно глувче од крв,
очиве ги затворам пред да прозборам,
многу сакам да сум поблиску.
Колку е величествено, ова што нѐ обединува,
колку е ништожно, ова што нѐ разединува,
во празни разговори не затворај ме,
зад нив се протега механичкото црвенило на усните.
Погледни, дрвјата се извиваат кон небото,
една шнола како лист ми паѓа во дланкава,
претрчува едно глувче од крв,
сака да e поблиску.
Во празни разговори не затворај ме,
не знам кој ми дал повеќе:
дали дрвјата кои вишнеат кон небото
или крвта пред утринскиот чај.
Колку е ништожно, ова што нѐ разединува,
одвај неколку ката –
ти си на покривот, јас сум во бањата,
а глувчето од крв во скривалиштето.
Погледни, дрвјата растат ли растат,
колку е величествено, ова што нѐ обединува,
механичкото црвенило на усните,
постои само еден лифт –
за сите бразди на болката.