Седевме на балконот,
ја слушавме Animals од Пинк Флојд,
беше време за сезонско родосквернавење,
за ноемвриското шушкање на една препарирана есен,
кога научив дека овците симболизираат љубов,
и дека како припитомено куче
ти си смртно исплашен дека ќе останеш сам
и ќе сонуваш дури не се заборавиш самиот,
на времето, ние само сакавме да ловиме во саваната,
расчкрипените челусти ни ја ’ржеа намерата,
па ’ржевме, се цедевме до последна капка,
и започнавме борба против структурата
на нашите тела и светот,
дури не прочистиме сѐ, се заколнавме
дека ќе ги заобиколиме потребните прописи
и нашата несоодветност
ќе се стопи во очниот секрет
кој врне од ведри неба
во изобилие,
кој ќе го собереме и закопаме
како нашите возљубени детски играчки,
градината ќе ги огради животните
а нас ќе нѐ прогонат –
чувствувам како реалноста лекува,
чувствувам како темните есенски води
скоро замрзнаа со мраз.