1. За привидение
Утрово, дури мајка ми седеше сама дома
и ги крпеше панталоните од брат ми Махмуд
скинати во вчерашната беља
иглата ја прободе во прстот и топла крв потече по конецот
панталоните се флекосаа а мислите метеж ѝ се сторија
се колнеше пред татко ми и пред комшиите
дека ме видела мене или мојата сенка
или ме видела мене без сенката моја како минувам пред неа утрово
и штом ме здогледала
била целата нестрплива и збунета и сакала да ме гушне
ама иглата ја предаде и прстот ѝ го руши
бев ли јас таму навистина
или беше само мајкиното срце?
2. За копнеж
Мајко,
веќе триесет години јас сè уште трчам со босоного срце
штом видам жена во долг фустан
или бела шамија на главата
и по неа викам: Мајко, мајко
Мајко!
Триесет години и шест илјади милји
прогонет од розите, утринското изгрејсонце и ангелското лице,
мајкиното лице
триесет години
штом за жена пишувам
штом жена цртам
се фаќам како пишувам за мајка ми
ја облекувам сликата со мајкините бои
триесет превези, триесет гробови, триесет…
Со надеж и смирение се гоштавам
штом глава умирувам
врз мајкините гради.
3. За страст
Написите врз ѕидовите на нашата куќа од кал
жолтата боја на вратата
семејната слика грижливо обесена до сликата на Имам Али
декоративните траги врз тавчето
големиот нем камен крај вратата
секогаш спремен да прими гости
полиците преполни со стари весници
ламбата која филозофира со долг светликав јазик
обесената рогозина секогаш спремна за молитва
светото смеење кое ја создава оваа страст
и овој умор
е смеењето на мајка ми.
Превод од англиски јазик Горјан Костовски