седиме една спроти друга, рацете ти се црни од земјата
ги полниш чашите од јогурт
а јас бодам со прстот, и ставам семе
и тогаш црното ми стои долго под нокотот
не можам да го симнам
ти се обидуваш со стара четкичка за заби
тоа ме скокотка
докторот ти рекол да носиш бела марама преку главата и да ги покриваш рамената
ама не го правиш тоа и ти се појавуваат црвени дамки по кожата
штом си дојдеш од пазарот ги истураш врз креветот ситните пари и ја броиш заработката
доаѓам, па чекам да завршиш, не кажувам ништо за да не згрешиш при броењето
кога се обидов да се вовлечам во твојот фустан со точки
што си го носела кога првпат си го сретнала дедо
го искинав, но ти не се лутиш
си имала шеснаесет а јас сега имам шеснаесет
на фотографијата благо се смееш
косата ти е рамна и врзана во опашка
стоиш крај коњот и ги држиш уздите
Препев на македонски
Никола Маџиров