Јекта – 1.12

го допирам мантилот кој талка по патеката на девојките со мирис на џин
и го фиксирам ножот којшто прави попис на едно тело под тремот на еден хотел
го вдишувам чадот кој носи гозба на изгорено месо кон нашиот прозорец
го опипувам црниот белег што смртта облечена како
продавач на календари ни ја остава во длапката на десната дланка
ги листам аналите на страдањето
ја галам канџата на патронимите
кои не оставиле ништо друго освен еден крвав епитаф
врз ѕидините на колективната меморија
слегувам во бедната јама со треска како на џелат
зашто знам дека во сенката на чудовиштата врз човекот се оформува една ретка вистина
ја вкусувам водата истурена врз голата слугинка што зимата ја претвора во бела статуа
и го лижам жилетот кој ја зацрвенува напивката на младоста
ја бакнувам раката која трепери на грбот на болниот моќник
и ја светнувам деформираната нога на ѓаволот кој ловокради по рабовите на селата
го бришам показалецот поцрнет од статистика
го придружувам моливот кој филозофира на маргината на регистрите
додека врз светкавите стакла на функционерите дефилираат
броевите на труповите на одложено време

Превод од француски јазик Надица Николоска

mk_MKMK