Јоаким Сарториус – ОНА ШТО ПРЕОСТАНА

Во грчкиот конзулат, под кровот,
под балваните, што вријат на жештината
и напукнуваат,
се наоѓаат остатоци: две фотелји, темното дрво
на потпирачите за рацете обелено од пот.
Едно огледало, отоманско, со интерзија и јамки,
на кои висат необични месингани садови,
некогаш користени за горење на темјан? Сѐ
е тешко, натоварено со прашина, стомните за миење
насликани со rosae hibernicae, библиотеката
распарталена и ограбена.
Ништо не се римува.
Доколку постоел сопственик на овие остатоци,
тогаш тој не е никаде или избегал преку морето
или во другата насока преку солените езера,
или пак е притиснат зад ова огледало
со својата сенка, со своите добри манири,
со стариот шал во кој се затскривал,
кога излегувал на улицата Анастаси.
Нечитливи станале остатоците,
како водата над камењата.
Онака како што еден сјај го гасне другиот.
 
Превод: Ксенија Чочкова