Жоел Верне – 2.

Би сакал да зборувам за оние кои овој живот го поминуваат со светнат поглед, оние кои сѐ уште сакаат. Зборувам во условна форма, додека сегашното време ме вика, со сета сила. Да се зборува во условна форма е хипотетично. Зборувањето во сегашно време ме доближува до живите, до ситните настани кои го сочинуваат мојот живот. Не знам ништо друго освен овие нешта без слава. Сакате ли да ми помогнете, да ми предочите друг пат? Единствено сиромашниот живот ме привлекува, но можеби грешам? Немам одговори, но затоа милијарда прашања. Колку би сакал повторно да ги прочитам книгите што ме напуштиле, ги оставив длабоко негде во собата за никогаш да не ги препрочитам, тие врескаат и со нетрпение чекаат да ги вратам на слобода, под убавото дрво во градината кога нежното лето се буди врз сите нас. Не се забораваат тие книги, па и нивниот оган да е послаб отколку некогаш. Блиски ни се и тоа ни е доволно. Долго шепотат во темнината. Нивната псалмодија е бескрајна. Уште сме во градината, со голи раце, го набљудуваме синилото на небото, движењето на една тревка, елегантноста на една мравка, опстинацијата на една црвеношијка која упорно го штити своето гнездо. Во куќата слушам мрморење: книгите разговараат меѓу себе, лизгајќи се од еден век во друг. Сите се братски книги. Со нивното присуство тие ја намалуваат самотијата. Нивните страници ми помогнаа да поминувам од еден ден во друг ден. Долго ги чувам на маса, сонцето да ги стопли. Гледам како мастилото трепери кога светлината се засилува.

Превод од француски: Марија Бежановска Левавасер

mk_MKMK