Јоланда Кастањо – ЈАБОЛКА ОД ГРАДИНАТА НА ТОЛСТОЈ

Јас,
која со кола ги извозев бреговите на Неретва,
која на точак јурев по влажните улици на Копенхаген.
Јас која со рацеве ги мерев дупките во Сараево,
која ја преминав, зад волан, границата на Словенија,
и во двокрилец го прелетав заливот на Бетанзос.
Јас која испловив на траект кој вплови во бреговите на Ирска,
и островот Ометепе во езерото Косиболка;
јас која никогаш нема да ја заборавам продавницата во Будимпешта,
нити полињата со памук во провинцијата Тесалија,
нити една ноќ в хотел кога имав 17 години во Ница.
Моето сеќавање ќе си ги шлапне стапалата на плажата во Јурмала во Латвија
а на шестата авенија се чувствува како дома.
Јас,
која еднаш можев да умрам додека патував со такси во Лима,
која ги изодев жолтите сјајни полиња во Пакруојис
и ја преминав истата улица како и Маргет Мичел во Атланта.
Моите чекори ги газеа розевите песоци во Елафониси,
и скршнав кај едно ќоше во Бруклин, Карлов мост, Лавале.
Јас која преминав пустина за да стигнам до Есауира,
која со сајла се спуштив од врвовите на Момбачо,
која нема да ја заборавам ноќта кога спиев на улица во Амстердам,
нити манастирот Острог, ни камењата во Метеора.
Јас која изговорив едно име среде плоштад во Гент,
која го пробив Босфорот облечена во ветувања,
која никогаш нема да сум иста после тоа попладне во Аушвиц.
Јас,
која возев кон исток дури до Подгорица,
која со моторна санка го минав ледникот Ватнајекидл,
јас која никогаш не сум се сетила толку сама како на Руе де Сент Денис,
која никогаш не ќе вкусам грозје како грозјето во Коринт.
Јас, која еднаш скинав
јаболка од градината на Толстој,
сакам да се вратам дома:
во скришното местенце
кое ми е најдраго
во А Коруња
 
баш во тебе.
 
 
Превод: Никола Ѓелинчески