Јордан Даниловски – НАРЦИС

И сè е исто во ова огледало
Што ме тера на послушност
На исти востановени движења
Лица празни ноќни навеви
Низ кои она што бев е страв силен
Загубено дете што смртта
Безмерно ја прима кон правта
Без себеси сета низ зборовите
Низ грутките допрев стасав
Без да сетам што се плете
Под мојава рака што во таа мрака
Се излева тајно ми го краде ликот
Во ова огледало на послушност
Ноќ во повлекувања бегства следи
Безмерно неопходен ôд за чистите движења
Збунетите погледи
Неумоливите отчукувања на часовниците
A сепак ни стадо, ни птица, ни ѕвер
И сега сум гласот што ме повторува
Над водите жедта ли ја гасам