Јозеф Страка – ФРАНКФУРТ НА ОДРА

поминувам, делчиња од зборови веќе дел од малата,
обичната историја
заради прекинот на пругата го чекам со другите следниот превоз
неколку села во портокалова магличка, залез на сонцето, на кој, се чини, уште бегаме од
Петерсдорф, Јакобсдорф, Брисен
луѓе на станиците кои многу задумани стапнуваат на пероните
тука ваков автобус никогаш не поминал, нивните стравови
ама и олеснување, кога конечно доаѓа
кратко пред да се стемни
торби за пазарување, чанти преку рамо со натпис Адидас форевр, мрежеста торба, црн куфер врзан со бела врвка на автобускиот држач
луѓето молчат, доцнењето на вечерта веќе не може никако да се оправда

Превод од чешки јазик Драган Георгиевски