Јустина Баргиелска – УБАВАТА МЕЛАЧКА

Вчера одев низ пустина,
веќе по темница, и нешто ми
замрчи од тишината. Впечаток
не било каков, со почит, М.
Немир како од стара книга: таа се плаши дека може да стане пантера
и воопшто тоа не ја возбудува, оти што прави пантерата?
Дали пантерата може
да не ја затвора устата за сликање, дали може да оди да спие во
своите нови чевли?
Пантерата го гние лебот на којшто ќе погледне, има таква дарба.
Мелачката исто има добар дар, да оживува месо.
Но едно би сакала да има од пантера: кога некој приоѓа и вели
возот, кој постои само во возниот ред штотуку замина, да знае
да каже ах, да? А не да пробува да го изеде сонцето, за да не зајде.

Превод: Ѕвонко Димоски