Навистина не сакав тогаш да умрам.
Штотуку се научив да ги составувам
дланките за молитва така, како да
држам нешто во нив, штотуку
се научив да претскажувам.
Со грациозност, иако стојам до половина
во море пламења. Се научив да претскажувам
сé, опишувајќи со придавки
кои добро звучат преведени на англиски.
Дланките за молитва ги составувам така,
како да кријам во нив нешто повеќе од камен,
и го сакав тој трик.
Таа слика изгледаше како триптик,
но не можеше да се затвори.
Мислев дека тоа е китка хризантеми,
а беше тоа главче на дете.
Мислев дека тоа е градинарски чадор,
а беше тоа духот на идните празници.
Кога би се молела како што треба,
со дланките нагоре, би живеела.
Превод: Ѕвонко Димоски