Ким Мур – ВО ТАА ГОДИНА

И во таа година телото ми беше столб од чад
и дури ни неговите раце не можеа да ме додржат.
И во таа година умот ми беше празна маса
и мислите си ги постави како преполни чинии.
И во таа година срцето ми беше стариот споменик,
глупоста, и никаква корист не се изнајде за него.
И во таа година јазикот го зборуваше јазикот
на инсектите и ниту татко ми не ме препознаваше.
И во таа година ги чекав коњите
но тие само расклоцаа со нозете во темнината.
И во таа година замислив нешто суетно;
верував светот ќе дојде по мене.
И во таа година се откажав од сите работи
што ми беа ветени и се препуштив на тагата.
И тогаш таа година се простре како пат
кој го одев, одев, одам.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

mk_MKMK