Видов мало животно како ја минува улицата.
Одеше како да требаше да стаса некаде.
Дали уште ме сакаш?
Ми купи ли патики за тенис? Стоев неколку стотици часа со тие патики
на улица, во канцеларија, на часови, на клупи по парковите и по кафеани …
Стоев како да не требаше никаде да појдам.
Си мислам едно време да ти кажам добар збор,
па цело време си мислам што да ти кажам
а добар збор нема на моите усни.
Знаеш, кога имав шест години ме одведе мама в град да се слика со мене,
како да знаеше дека тоа момченце нема да живее долго,
дека треба барем ликот да му остане.
Го следев тоа мало животно неколку десетици метри,
дури изгледаше дека знае што прави па му завидував.
Еж на улица,
стар и истоштен еж, огромен. Плачеше.
Си легнав со ежот на гради.
И ежот исплашен и јас никако да заспијам, се разбравме некако и заспав.
Ти ми рече дека ’рчевме и јас и ежот.
Се скинаа патиките од тебе и ужасно смрдат иако уште ги носам, по сонце или дожд.
Мислам дека малото и диво животно е она кое нема каде и зошто да оди.
Ме сакаш ли сѐ уште? Утре ќе ги фрлам овие патики,
Ама денес ќе ги задржам, толку тешко ќе се одлепат од нозете.
Превод од романски јазик Димо Н. Димчев