Кристина Дoмбровска – БИРО ЗА ПАТУВАЊЕ

Биро за патување на умрени сум,
им организирам летови до соништата на живите.
Ми се пријавуваат славни личности, како Хераклит,
за да го посети заљубениот во него писател,
но и умрени пошироко непознати – како еден земјосопственик од селото Васили,
кој копнее да ја посоветува жена си околу одгледувањето зајаци.
Понекогаш неколкупоколениско семејство има чартер авион
и слетува на челото на последниот потомок.
Си имам работа и со убиени,
кои редовно талкаат до соништата на спасените,
собираат поени во програмата frequent flyer.
Никого не одбивам.
Ги наоѓам најдобрите летови
и си негодувам, кога младо момче,
за да стигне до сонот на својата девојка,
мора да лета со прекачување во сонот на жениште кое грчи.
Или кога временските услови изнудуваат принудно слетување
и мртвиот ѕвони: направи нешто,
заглавив во сонот на преплашено дете!
Ваквите случки се стрес и предизвик
за мене, за малото биро со големи амбиции –
и иако немам пристап ниту до светот на умрените,
ниту до туѓите сништа,
благодарение на мене се сретнуваат.

Превод од полски јазик Звонко Димоски

mk_MKMK