Лидија Димковска (1971, Скопје) е поетеса, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик. Живее во Љубљана, Словенија. Објавила седум поетски книги, три романи, еден американски дневник и една збирка куси раскази, а уредила и четири антологии. Нејзините дела се преведени на бројни јазици. За поезија ги добила наградата за дебитантско поетско дело „Студентски збор“ (1993), германската награда „Хуберт Бурда“ (2009), романските награди „Поесис“ (2001) и „Тудор Аргези“ (2012), европската награда „Петру Крду“ (2016), словенечката награда „Чаша на бесмртноста“ (2020), албанско-македонската награда „Наим Фрашери“ (2020) и македонската награда „Браќа Миладиновци“ (2021). Нејзините романи „Скриена камера“ и „Резервен живот“ ја добија наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, а романот „Резервен живот“ и наградата на Европската Унија за литература (2013). Нејзиниот трет роман „Но-Уи“ беше номиниран за наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и за меѓународната награда „Балканика“ (2016). Нејзината збирка раскази „Кога заминав од Карл Либкнехт“ беше исто така номинирана за наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија (2020), а пет раскази од книгата го добија Специјалното признание „Европско културно наследство“ во 2018 год. во Виена, Нејзините книги биле номинирани и за американската награда „Најдобра книга во превод“ како за поезија така и за проза, за германската „Берлински мост“, за полската „Европски поет на слободата“ и за швајцарската „Специмен“. Учествувала на многу книжевни фестивали, читања и резиденции.
Песна: Светот што се распаѓа