Љулјета Лешанаку – СО СРЕЌАТА НАПИШАНА НА ЛИЦЕ

Другарот што седеше со мене в клупа во основно училиште
имаше модри нокти, модри усни и голема непоправлива дупка во срцето.
Беше обележан за смрт. Беше невидлив.
Седеше на камен
и ни ги чуваше палтата
додека игравме на игралиштето, таа алхемија на пот и прашина.
Обележаниот да стане цар
е ладен, спремен за слободен пад,
предвреме роден од тажна материца.
Црвенокосата жена што секоја вечер го чека пијаниот маж да се врати
ќе продолжи да го чека уште сто години.
Не е вината кај алкохолот. Обележана е од „чекањето“.
А тој виновен исто толку колку случаен минувач
што дождот го натерал да влезе внатре.
Згора на тоа, не е војната виновна
што му го одзеде животот на момчето
со меланхолични очи. И тој бил обележан,
бил роден да биде на списокот за регрутација.
Меланхолијата е основен арсенал на војските.
Но тој што бил обележан за преживување
ќе продолжи да ги јаде своите младенчиња, како поларното мече,
кое никогаш не забележува дека времето се затоплува.
Сите од нив се затворени како теореми, нивното небо
е куќа под кирија,
каде не смееш ниту една шајка да забиеш.
Ја чекаат својата следна наредба, која сепак нема да ја послушаат
како Аргонаутите кои ги наполнале ушите со восок
и веслале покрај патот на сирените.

Превод од албански јазик Ресул Шабани