Мајка ми седи покрај мене на доктор,
мајка ми е тука, но не е баш тука.
Ѝ фалат делови.
Еден ден ѝ ги снема забите, а сетне и слухот.
Потем изгуби една града, едно градно крило, па косата.
Мајка ми ги изгуби возовите и петлиците и мајка си
своја и детството.
Еден ден мајка ми изгуби син
(другите дозволи да заминат).
Мајка ми си го чува името в џеб,
некогаш името вредеше знамиња.
Мајка ми има една земја и една куќа
која е преполна со пеперутки.
Мајка ми има три птици; заврзани се за неа
со шаренолики врвки.
Штом задува ветер, тие се удираат во неа
во обид да летнат.
Мајка ми има шнола со вештачки дијаманти и думани чад
низ нејзината азбестна коса. Мајка ми има брчки на лицето
и катинар. Мајка ми има болки и бројници.
Има засадена вејка врз вратот и празен гроб
меѓу нејзиниот татко и нејзината мајка.
Мајка ми има три ќерки
и поубави стихови од моиве.
Мајка ми е во огледалото, и в очи ме гледа.
Превод и препев: Горјан Костовски