доаѓаш од далечни егзотични краишта
црн во дрвени сандачиња
made in Третиот свет
како окован роб кој го чека купувачот
во новите колонии одамна откриени
те купуваме во лимена кутија
и не му ја мислиме како те береле
дали растеш на дрво како јаболко
или од земја никнуваш како билка
не се грижиме како чекорат берачите
кога смртта ги следи како агент
за нас едноставно ти растеш во кутија
те разменуваме за два метра синтетика
за еден сандак куршуми и две пушки
за чуварот на плантажата
да ги варди берачите однатре жицата
и сонот на газдата под палмата
доаѓаш да нè обединиш во пет часот
(или седумнаесет како што велат на ТВ)
се собираме околу чајникот
кој подобро од штурецот песна си пее
се шеташ низ нашите пломбирани заби
заедно со зборовите што црв ги изеде
Јазикот ни го дебелееш за два прста
што не можеме ниту да ја свирнеме
мелодијата на победничката песна
„Лист од чај држам в уста“
која е хит на радио
од убавите кутии од чајот
правиме колекција
дури и ги креваме во поп-арт
таму далеку на децата на берачите
ако им паднат в раце
ги чуваат како музички кутии