Лулзим Хазири – НА БАРИКАДИТЕ

Нè остави
На барикадите
Со несоницата на Макондовците
Соништата потпрени едни врз други како река
Суетата на функцијата го отежна
Копнееше по сон на јагне
Покриен со ќебе на вината
Со монистата на жена му како бројници в рака

На барикадите поштата стигнува со доцнење
Пијалаците не се сервираат со соодветни кристални чаши
Нема илустриран печат ниту еспресо
Вестите смрдат на цензура
Како воен репортер на ТВ

Нè остави со болеста на чекањето на барикадите
Имаше лесна романтична душа
Врзуваше свилени вратоврски околу вратот
Страста за жената-нимфоманка го покри
Го повикуваше креветот го гореше нејзиното тело
Благородна беше нема збор
Верна со зборови
Нè остави сонливи и изгубени
За мирисот на утринското кафе

На барикадите нема фестивал
Таму се лизга над засирена крв
Куќата ја гледаш фатаморгана
Копнежот за децата го чуваш в џеб во паричник
А смртта ти спие под шлемот

Нè остави
Поцрнети в лице од чадот на надежта
Што гореше како камионска гума на патот
Посакуваше на море да добие бакарна боја
Без да се вцрвени и без да се сонча по реки однапред
Со затворени очи сонуваше кашмирски сништа
Дека беше болен и неколкупати опериран
Мајсторски трансплантирано дрво
На глава на ној имаше очи на овца
Срце зајачко си имаше
Опашка на гуштер имаше
Токму митолошка грдотија

mk_MKMK