Денес часовникот се менува
за 60 минути
ми се укажа можност двапати да се осврнам
на мојот живот
како фустан што не се пегла лесно.
На пат кон Америка,
некаде во океанот,
во таа монструозна празнина од вода и темнина
беше вратата за враќање назад
во парче ноќ
во парче ден –
дупка во времето во кое можеш да живееш
без да платиш со време.
Но, некогаш доаѓа враќањето назад:
Европа,
последна недела од март
во која се будиш едно утро.