Марија Дејановиќ – ФОТОГРАФИЈА НА ПАТКА

Фотографирав патка
што стои врз дрвен трупец
за да ти ги покажам патката и трупецот
или да речам: беше една патка
Остатокот од денот нанесувам шминка на лицето
и гледам во себе од далечина додека не се препознам
и тогаш си мавнувам себеси
на нашиот јазик си кажувам
добар ден
Штом завршам, кажувам: ова е уста

или, ваква уста:
и ги нурнувам усните во семки од голема калинка
и изрекувам Калинка
беше калинка

ваква калинка:
и потем ја проголтувам

Се појавувам само за себе
и тие изведби се проследени со дождови
од скакулци и штурци
од ниското небо на крошните
Тие, всушност, се исто суштество

само што едниот од нив одамна го изгуби плачот
кога го закопа во градите на земјата
за да го зачува
и потем го заборави

Зелено на очите, црвено на усните
другиот го задржа својот плач во себе
и набави рекет за бадминтон
рекет налик на оној со кој
во детството ги удиравме мајските бумбари во лет

а некои, пак, штом ќе ги соборат на подот
ги преполовуваа со работ
и така ги искривуваа обрачите на рекетите
па им ги корнеа жиците
но јас никако не

Патката утрово јадеше калинка
Или, патката вчера ја снесе оваа калинка
Беше црвена
со црвен клун и црвена опашка
Беше зелена
како скакулец, штурец
црвена и зелена
како месо што седи врз трева

Во сите земји
денес е недела

Денот е стандарден
како рани на колената
на лактите
на листовите и бедрата на девојчињата

кои играат фудбал
среде минско поле
во трева повисока од нивниот појас

Препев на македонски
Никола Маџиров

mk_MKMK