Марија Дејановиќ – НА ПАТ ДО ПРОДАВНИЦАТА

Во земја каде малкумина го зборуваат твојот јазик
сите зборуваат погласно од тебе
сите се повидливи, позаштитени
скриени зад бројноста
на пат до продавницата за чај се чувствуваш претерано воочлива
Движењата на колената ти го одразуваат недостатокот од пријатели

Чекориш вкочането, претерано строго
и макар што сите се исклучително љубезни
поради добрината во срцето не ти брцнуваат во месото
зборуваат меѓу себе за да не ти пречат
сè сведуваат на добар ден и до видување

Сеедно, се чувствуваш како метален шестар
остра игла чиј блескав врв се забодува во бетон
метар по метар
Додека чекориш од станот до продавницата, од продавницата до станот
зад тебе останува избришлива кружница на твоето присуство, на јазикот
на меѓусебното неразбирање;

кога од добронамерниот трговец купуваш чај
ти си, а не сувите лисја, изложена зад стаклото

При враќањето од продавница им стануваш послична
Без цел пред себе, ти си око кое опфаќа
а не изрекува

Од љубов кон себе не се прашуваш како си
како што од љубов кон животните
јадеш растенија засадени од нечии деца
кои никогаш нема да можат да си ја дозволат храната што ја садат
купуваш во пластично ќесе индиски оревчиња
чие производство им го топи идентитетот од прстите на жените

Но тоа се некои други жени, некаде далеку
жени на чии сестри им се рушат градови врз главите
легални робинки

Ти сама си ги одбра своите тешки денови
Си ги купи среќните денови со нив

Улиците се полни мали продавници
Секоја продавница е преполна со плетени кошници
во секоја плетена кошница има по еден мал личен пораз
Чекориш со руси коси, со сини очи
поради кожата пламната од сонце
убаво е да бидеш видена во секоја улица

Штом ти кажат нешто на оној јазик
ги спушташ рамената под шеширот

Можеа да ти речат дека те љубат или да ја опцујат мајка ти
и ти немаше да знаеш што е

ова незнаење е твоја мала лична победа

mk_MKMK