Марија Риџонова Ференчухова – ФОТОГРАФИИ

1
Земја – мапа.
Куќи расфрлани наоколу
или сосема измиени,
остатоци од плоштадот,
крстосници со совршена површина,
со доследно исцртани ленти,
црна-бела,
ниту трага од крв,
напуштени живеалишта,
само патот се впива во калта,
или калта го лиже патот .
 
Момчето веќе губи интерес,
игра со топката на друго игралиште.
 
 
2
Илјадници извори, потоци, притоки
трчаат по карпите, стануваат посилни,
напредуваат, создаваат врева,
а ако се сопнеш,
најпрво ќе те заобиколат како камче,
можеби некој ќе застане, ќе го сопре текот,
другите веќе прескокнуваат, повлекуваат,
поминуваат,
газат –
 
понатаму,
остро надолу,
во црвената пареа
една капка ќе се слизне по цевката,
ќе падне на камен, ќе се одбие, ќе зашушти
останатите ќе испарат попат –
 
груб и сув
јазик
ќе ми ја излижи раката:
 
уште.
 
 
3
Некаде на рабовите на перцепцијата
плочите на литосферата
на секунда ќе се поместат,
грбот се истегнува,
пршлените пукаат,
земјата се поместува,
џиновската жена се проѕева,
и сè што ќе и падне во утробата
без размислување ќе го свари.
 
 
4
Земја – разгледница.
Садови, кутии,
Прагови на куќи зариени во кал.
Во огромните пукнатини на патеките
Собирачите наоѓаат само штици,
хартија и тули.
На празното пространство
останале само две дрвја.
Небесен спокој
– или речиси небесен –
на катедралата без кула
се ежави како да е коса.
 
 
5
Часовничари сме.
Јас и мојот мал син.
Има два будилника. Вели:
Сакам да бидат блиску до себе.
Овој ќе биде блиску,
а овој – себе.
 
Светот се создава од зборови.
Од ништо.
 
 
6
Земја – сценографија.
Некогаш величествени згради
палати на модерното,
висока железничка централа
со искршени прозорци,
станица, хотел, трговски центар,
болница, вила на ридот,
далечни населби,
картон, бетон, стакло,
испукан бризолит,
паднати ѕидови, талози нечистотија,
скелетот на градот во преголем простор.
А вандалските орди
на ниски коњчиња
ги заземаат далечните брегови,
оти има каде да се патува,
секогаш има што да се јаде,
и сето она што остарело може
да се најде во архивите
ама кој таму да бара.
 
 
7
Не е сè залудно.
Одвреме-навреме тревата затреперува,
трепките се подигнуваат и го отвораат погледот.
Гледаш во мене. Ме погледнуваш.
Денес косата не ми паѓа на челото,
крупниот кадар не ја растура брзата фризура,
нема повторно да се сокријам зад мониторот,
денес ќе се потпреме на оските на нашите погледи
во висина на очите
(не треба секогаш да копнееме да го достигнеме небото)
и ќе го пренесеме погледот над масата
покрај неа,
до спалната,
или, пак, на подот.
 
 
8
Слузокожа, ресички, ткива, клетки,
цитоплазма, влакна,
– светот се руши со еден потег на раката.
Суштината останува непроменета:
еден организам апсорбира друг,
подигнува згради на неговите темели.
Хеморагичен шок, проучување на содржината на нокширот,
надворешни знаци, уморни очи, сувост во устата,
малаксаност. Убава насмевка. Без насмевка.
Или без никакви знаци:
нагло паѓање од скалите до кома.
Искинатата, исечената, изгребаната
кожа овозможува да се следи
процесот на зараснување.
Не можам да слушнам дали
во мене се кинат влажни конци.
Во паника ја набљудувам кожата.
Сигурно го одразува она што се случува внатре!
Микросветот одговара на макросветот.
Некаде во далечината, некои други градови
се рушат со татнеж, без да дадат отпор.
 
 
9
Се прегрнуваме во една стара куќа,
што се тресе поради градежните работи во поткровјето.
Се криеме зад двојните стакла и дебелите ѕидови,
под таванот што се држи на прегреан воздух.
Детското креветче го доближавме до нашиот,
за да се чувствуваме побезбедно
кога ветрот лудува
на отворениот покрив а сонцето ја побелува
како череп на пациент што е мртов со години.
 
 
10
Спиеш. Прашината на мебелот не се поместува.
Паркетот не крцка.
И нашиот син сè уште спие.
Само на ѕидовите, меѓу играчките,
во библиотеката и под шкафот,
во бањата зад машината за перење,
до каучот и во рамката на прозорецот
лудо, безмилосно отчукува неговиот часовник.
 
 
 
Превод од словачки: Славица Гаџова Свидерска

mk_MKMK