Марија Риџонова Ференчухова – МЕТЕОР

Ти подготвивме страшна смрт.
Те оставивме да се бориш со ѕверови.
Мислевме дека си една од нив.
Дозволивме да ги вкрстиш
млечните заби со песјаци
школките на меките нокти со шепи.
Наше продолжение:
розова мрежа заплеткана во живата,
купче влакна, тетиви
и еластични коски,
среде вештачката прашума
што треба да се полева трипати дневно,
за да не се претвори во пустина
каква што беше досега:
спокоен, ненападен момент
во заплетот.
Враќањето во тишината
го ритмизираат
милиони штурци.
Последните мисли на шестгодишник:
Кој го изрежал сонцето од сликата
и кога гори,
кој го поместува неуморно
над нашите глави?
Кој си пушта метеори по небото?
Дали е светот таков, каков што го гледам?
Дали навистина сум оној
што мислам дека сум,
дека сум бил?
 
Превод од словачки: Славица Гаџова Свидерска