Мариса Мартинес Персико – МАЛИ ПРИВРЕМЕНИ УМИРАЊА

Ова талкање по сите градови
во потрага по еден твој гест:
една кадрица, влакно, едно парче ткаенина во витрините,
една медуза топла како твојата душа,
меѓу твоите бедра и стравови,
мртов слон.
Оваа соба изнајмена кај еден олтар во Рим,
една слатка и ѕвездена милувка,
ова напразно потење низ светот:
автопати, пајажини од светлина, занемени кочии
со скалила без насока
кон срцето. Ова преселување
на друго место, без ситост,
вечно непријателство кое ме врзува
со нештата.
Ова кружење околу области како песна
истражувајќи го, без ехо, хоризонтот,
каде што го стави покривот на твоите усни
или осцилирачкиот вијадукт на прстите.
Овие парчиња небитие што те повикуваат,
ова распарчено небитие што те вика по име
и не те наоѓа
и не те наoѓа
и не те наоѓа
и не те наоѓа
(ЕХО)

Превод од шпански јазик Марија Петровска