Мартин Глаз Серуп – ПЕСНА ЗА СРЕЌАТА

Како треба да изгледа една песна за среќата
веројатно не вака
со прашања
Дали треба да си среќен за да напишеш песна за среќата
или треба, напротив, да не си
да те направи среќен дури ја читаш
Мислам дека среќата е поврзана со конкретното
со предмети и места
среќата се наоѓа во посебно одделени временски простори
Имам една сина лакирана вазна
моја е, ја мислам
кога мислам на среќата
Имам едно парче залепена керамика од Италија
која исто прави да помислам на Елза
но не мислам дека некогаш бевме среќни
Не мислам на луѓе
кога мислам на среќа
мислам на алкохол
Чувството на среќа е чувството на ракија
Коскенкорва вотка или грапа*
како лизга низ мене
Едно сонце низ телово се шири
и зраците пробиваат до мозоков и куров
истовремено веат
Ко ветрот што вее околу ушите
на тркачот кој безумно трча
среќен и сам по патот

Превод од англиски јазик Горјан Костовски
* Италијански пијалак со висок процент на алкохол, вид бренди од грозје. (Заб. на прев.)

mk_MKMK