Марван Махул – Да љубиш значи…

Да љубиш значи да ловиш пердув
сè дур сенката не ти остане без здив: земи ме со тебе
бавно како снегулка во пад ја ловиш, несвесен за себе си,
забораваш кој си бил и кој ти е род.

Да љубиш значи да бидеш дете
кое црта теракотна статуетка во правот.
Дрвјата не стојат мирно пред тебе; те креваат,
ти ја чешлаат косата кон сонцето за да те претстават
како добра вест за родот.

Да љубиш значи да видиш како прстите на пеперугата
ти го плетат животот одново на твои триесет
како танцува од радост за тебе
бабица на среќата.

Да љубиш значи да си свесен и за најситниот детаљ
да си го знаеш срцето во градите
кое бие цел концерт на нови почетоци
додека бараш спас во крешендото.

Да љубиш значи да висиш без поплака
од кревка милост
додека росата ти се лизга низ образите и се будиш
од ноќта како јоргован кој зелено го бои утрото.

Да љубиш значи да си романтичен: да ја убедиш суводолицата
дека иако морето пресушило
таа пак ќе се роди како река ако тече низ тебе.
Да ги учиш планините на восхит пред непрегледот на твоите чувства
извишувајќи се до возвишеното
и невозможното.

Да љубиш значи да се подмладиш
а стравот од смртта да умре
да те носи бранот, не за да побегнеш, туку дамари да те стресат, да узнаеш
тоа што други не можат да го узнаат: врската на водата со вода,
шеќерните зрнца на битието.

Да љубиш значи дека има љубена
а дека ти си будала:
да те прави љубоморен на самиот себе, да зовриеш
ако едната ѝ усна ја допре другата, да стане,
ако ја делиш со нејзините усни, божица без либе
на небескиот свод од бакнежи.

mk_MKMK