Веќе не сакам мир
ниту народ што живее во две држави.
Господи… поведи ме назад во пустината, те молам,
избриши ги границите во кои ме притеснија
и го обезличија споменот на природата.
Дај ми земја како последен заслон,
една камила и два грста урми се доволни
– скраја од технологијата, Господи – да постојам, да не живеам
како оние доволно благородни за да ја прескокнат минатата среќа.
Неколку ноќи минати во разговор на стариот ветер се доволни
да си го натерам шаторот да заигра без да ги поалчам странците за
богатите бедра на нацијата.
Господи,
подари ми ништотија
или празнина, нема да се противам
само да ме преплави, ако сакаш.
Господи мој, каде и да Е сега, помогни ми
да си ја зауздам несреќата и да си го замолчам
непријателот, оти ништо друго не ми останува освен мене.
Во минатото
од исконското освојување дојде зло,
но мене ми беше добро, дури и ако крадците ми гладуваа.
Сè се смени откако животот си замина од нашиот живот.
Потребен е пламен факел од Пеколот. Па фрли го
и изгори го маслото, за да го запреш маршот кон мене, Господи
фрли го, за да заживеам како и секогаш.
Безбеден сум од Змијата, ако ја сретнам.
Од неа не треба да се чувам, зашто не угнетува
само таа како што си мислеа тие.
Ликот на Сатаната не се наоѓа во змијата, туку
сега е на телевизија во боја, облечен во црно и во политика.
Самиот би се покајал ако ми го преуредиш животот, но
премотај до почетокот за да си ја пробам среќата со тестовите.
Господи, помогни ми од височините на горките длабочини
за да достигнам слава одново.
Во нашиве дни, има две екипи во арената на војната
секоја ги прогласува најдобрите зборови, но фините пораки
се претвораат во хемиски ракети што ме лулаат додека врнат
невидени врз неморалната цел на своите интереси.
Во мојата земја
Суните Божји се шиити на другите; крстоносците
се Евреи што седат неутрални кога на воен коњ
нема неутралност.
Американска правда, од современиот сој, иде јавајќи ракети
катаден,
Русија се противи и сади црни рози на воените бродови
вдолж источниот брег, пресвети и преполни со колеж.
Обајцата вешто го предаваат незнаењето што ме снајде
додека ми играат пинг-понг над куќата, но на крајот
јас сум арбитерот. Во мојата визија нема правда, освен
што си ја открив душата по својата смрт и се збогував
со мирот.
Господи,
чуму се сите маки?
Зар моето признание не ти е доволно за да ме спасиш?
Ако сум згрешил, забрзај ја казната
или протерај ме во џунглата ако сум праведен.
Во џунглата го има она што го немаме:
кога е гладен ѕверот јаде еден ѕвер, а не два.
Тие сè уште немаат вера, како што гледаш, живеат во мир;
или мислиш дека лавот ја убива газелата од вера, мил Господи?
Господи, кој е мојот господар
во градот?
Во револуцијата на сторител против сторител се гледам себеси
небаре сум од друга планета
празен од сè што е за мене или против мене.
Не гладувам и не ме повредуваат како да
не сум бил јас. Носталгија немам за никого
оти носталгијата, како што гледаш, е пропаст на племето
самопредизвикана, и враќањето во минатото
ги води молитвите на назадноста на бомбашите самоубијци.
Господи,
подај ми го јажето на Твојата милост и фрли ме на друга планета
не за да го пробам животот таму,
туку за да избегам од Земјата што и покрај сите свои трагедии
продолжува да се врти
како да нема пристојност во неа и како од нејзиното вртење
да останав жив, а во главата ми се вртеше.