Миле Стојиќ – ГИ САКАМ ИСПЛУКАНИТЕ

Ги сакам лудите, кои први вреснаа
не сметајќи што ќе добијат, што ќе загубат
Оние кои секогаш се во малцинство. Кои
Стоеја настрана на концерт и на стадион
Кога толпата бараше бесилка и крв.
Ги сакам будалестите кои не го чекаа крајот
за да земат збор. За нив е
кладата спремна, непрестајно тлее
Секогаш ги чека намрсено јаже,
подмачкана гилотина, скован крст.
Во овој час се ѕидаат илјада затвори
за неколкумина од нив.
Ги сакам будалите кои го премолчеа гласот
на претпазливите, кои први ја ставија главата в торба
(и сѐ уште таму ги чуваат)
зашто не можеа мирно да го гледаат злото.
Ги сакам чакнатите кои ги проколнаа изведувачите
на кревање ѕид, на уривање мост.
Ги сакам исплуканите, исмеаните,
Оние кои не се осврнуваа на формата
Кои се кренаа против римската власт
на националниот рај, оние од кои се
одрекоа браќата, кои ги оставија жените
на кои им затаија учениците, ги осудија свештениците.
Тие ни го осветлуваа патот.

Превод од босански јазик Игор Исаковски

mk_MKMK