Минг Ди – ПАПАГАЛ ОД КОЛУМБИЈА

Перјата ти сјаат, итар си и глаголив, второкласен заштитник,
ама морав да те продадам, и тоа ефтино на поетот Вили од Јужна Африка –
но, пари не даде и не можеше да те земе, па јас морав да те вратам со мене во Пекинг,
кога влеговме дома ти оздраве, едвај добро утро ми велиш –
научи самоконтрола, научи самоцензура, процедури за кастрирање,
климата ја вклучив ти ги проверуваш жиците. Внимателно набљудуваш сѐ,
соседот вели „да“, ти од уста ми го бришеш „не“,
ако се чини дека ќе кажам нешто гласно, ти веднаш го бришеш.
Доручек ти е гумата за бришење, па излишно е да ти давам витамини за птици
затоа пак седнувам да напишам уште некој ред. Ми се веднеш преку рамо,
ѕиркаш, ако видиш нешто што ти ги иритира очите, ќе вреснеш еднаш, ако е нешто
што ти ги иритира ушите, врескаш двапати, и ако ти го иритира носот врескаш трипати.
Твојот глас има вкус на гума за џвакање од мента, во Пекинг кога ќе завршиш
со џвакање ги голташ, ама на поетскиот фестивал во Меделин, им ги плукаше
во лице на војниците, во носевите на политичарите – морав со долари
да те спасувам од свеченото затворање на фестивалот.

Превод од кинески јазик Елена Дамјаноска