Да! и после ќе се бакнеме, па ќе се бакнуваме страсно и интимно припиени еден со друг, и ти ќе ја раскинеш облеката од моето тело, ќе ме дигнеш и ќе ме вртиш наоколу, високо во воздухот, небаре сме ветерница и создаваме струја, што може да напојува еден цел град
или, ајде, добро де, ќе се бакнуваме тивко, на клупа, во паркот,
а таму ќе има неколку пајчиња и ние ќе им фрламе трошки леб
Да! леб. На пајчињата. А и на сиромасите. Секоја вечер, едвај ќе ни остане нешто. И знаеш што, ќе си направиме и лазањи, онака, со многу слоеви и ќе напикаме сè во алуминиумска фолија, па да, зашто дури тогаш ќе имаме дом, што ќе остане топол и влажен, и ќе им го дадеме на сиромасите и ништо нема да им побараме за возврат.
или, ајде, добро де да, можеби само едно евро, па што е бе едно евренце на овој ден денешен, особено ако добро ја штедиме заработката, на пример ете да инвестираме во книги за сиромашни дечиња, тогаш ќе можеме дури и библиотека да си отвориме.
Да! Една цела библиотекичка! Со ептен мнооогу интересни книги! Да де, книги! Многу многу книги, и сликовници со слики од места каде што можеме да одиме на одмор. На пример во Петра. Чудесната Петра каде качени на камила можеме да се луламе под изгрејсонцето кон градот изделкан во карпите, и да, ако ми се слоши и почнам да пењавам, и тогаш ќе речеш, не е страшно најмила моја. Твоето пењавење, мене не ми смета. И ќе ја маѓепсаш мојата карлица, па и таа да може да мрмори, е ова звучи како глупава шега, ама сѐ уште е рано и никој не нѐ слуша
или, ајде, добро де, тогаш само камилата и тивкиот жежок песок… И погледот кон вековниот град ќе ни го премали патешествието. Ама ние ќе сториме сѐ, за заедно да можеме да го извадиме токму најдоброто од градот, кога и да било. А дотогаш, ќе можеме само да изнајмиме едно обично станче. Ете со тераса.
Да! Голема тераса, и тогаш ќе може да ги поканиме сите наши пријатели и ќе распалиме скара лете, а зиме, па да, ете зимска скара, а ако не ни дојдат многу пријатели, тогаш ќе земеме една мала тераса, па ако затреба ќе ставиме само едно столче наместо две
или ајде, добро де, ако сме многу куси со пари, тогаш ќе си земеме само едно балконче за нашите вреќи ѓубре, да и тоа може, па тогаш ќе одиме во паркчето со јавни скари, и кога ќе се пополнат сите решетки, тогаш ќе си седнеме ете
на некоја клупичка, ние двајцата. Па ако нема патки, тогаш бајатиот леб ќе го омекнуваме со нашата плунка. И ти ќе речеш, мое излигавено камилче. А од лебот ќе изделкаме макета на антички град.
Превод од холански јазик Зоран Радически