Наџван Дарвиш – ИЗМИСЛИЦИ

Целата приказна е измислица.
Никогаш не верував дека си бил заклан, дека твојата крв истекла сѐ до
Медитеранот и дека морето те испило.
Сигурен сум дека целата приказна е измислица:
Мериам Кершенбаум и Шломо Ганор[1]
секоја вечер на Израел ТВ
Ал Џезира и Ал Хура и Ал Арабија
ги ставаат заедно: ал џезира ал арабија ал хура
(„слободниот арапски полуостров“)
Мериам Кершенбаум и Шломо Ганор
измислици, сигурен сум
и сигурен сум дека сметките, исто така, се измислици-
кој ми ги ставил в сандаче?
Семејното презиме на три јазици
е исто така измислица
исто и оваа жена која ме љуби преку е-пошта
 
Хаифа е измислица, па затоа не излегувам по улиците, туку задоволен сум со фрлање
погледи наваму натаму кон морето од мојот прозорец.
 
Нашето пријателство само се случи, па немаше причина да е измислица, па
остана вистинско. Чекај, заборавив – сите вистини се измислици. Затоа, вчера, пуштив
срце и споделив арак[2], јаболка, ореви и други работи со тебе.
 
Нема притисок врз мене, и не ме раскинува да гледам како ни ја крадат државата.
Оти кражбата, исто, е измислица, исто како контролните точки. И сите војници се само
испомочани деца. И старите православни бабички кои ја минуваа Витлеем
контролната точка утрово беа измислици. „Во името на Крстот“ велат, ама
ми звучи како измислица.
 
Велипеток е измислица, исто и византиските мелодии во Маронитската
црква во Назарет.
 
Непријателите ми се измислица. А моите роднини – маестрална измислица.
 
Пеколот е измислица, но Рајот беше измислен со повеќе пакост и вештина.
(Мамичето, и гласот на Фајруз[3] е измислица?)
 
Не ме мачат кошмари; кошмариве се измислици. Биолошкиот часовник
не ми чука, не сум скаран со сонцето, и не сум наследил никакви генетски
растројства… Сите тие етикети се измислици.
 
Јас – измислица. Не само затоа што сум, бидејќи сите заменки се измислици.
 
Не мразам колаборатори. Види – можам да им ги гледам преносите без да повратам.
 
Будилник не ме плаши ниту пак СИДА или нуклеарни оружја. Не ме плаши домашното ѕвонче
или телефонот. Светот нема утре да го снема… Сите тие приказни се измислици.
 
Смачено ми е од романтизмот на  дваесет и првиот век – смешан со конзумеристичко срање од сите
општествени класи. Нема леб без мотика.
И таа теорија, исто така, е измислица.
 
Воспевајте и радувајте се: кутиите полни порази оставени под креветите на вашите предци
се измислици. Сите овие години во кои си го оплакувал губењето на твојата земја. Срам
да ти е: губењето е измислица. Огромна лага смислена од оние кои ти го украдоа постоењето.
Мирјам Киршенбаум, Шломо Ганор,
Ал Арабија, Ал Хура, Ал Џезира,
и тој лепрозниот што го држи далечинското.
Бубашвабите и колабораторите се нежни суштества: види ја благоста во едниот, види ја
нежноста на грдото лице од другиот. Нашите стереотипи за нив, нашите претстави за нивната
злоба, се измислица.
 
Достоинствени луѓе седат в дневна и слушаат Гласот на Израел. Угледни жени
прават табулех[4] и мислат каква ќе биде иднината кога честа ќе ни влезе вземи. Немој
да се грижите: сите тие се измислици.
 
Не можеме да ги почитуваме неколкуте дрвја пред нашите домови ако им ги оставиме планините на оние
кои ни поставуваат клопки во нашите сништа.
 
На 22 април 1948, Хаифа ја зазедоа– таа историја е измислица.
 
На 8 декември 1917, неколку ефендии подигнаа бело знаме, слика беше сликана
како Ерусалим се предава. Toa навистина се случило, но сликата беше измислица; човек може,
кога било, да прибере неколку ефендии, да ги замоли да подржат едно бело знаме пред
портата Јaфа, и слика да се слика.
 
Сега е 11:30 наутро на 1 април 2010. Сите отспале и се разбудиле пак, но јас
сè уште не сум легнал. Перниците се измислици. За две недели ќе одам за Бејрут; но
визата, таа непремостлива пречка, е измислица.
Дева Маријо Либанска, моли се за нас (иако молитвите ви се измислица).
 
Одам да легнам малку покасно. Мојата кавгаџика пријателка ќе фаќа автобус за брзо – доаѓа
од Назарет. Еврејските зборови реат околу неа ко муви – таа мисли дека јазикот на
непријателот е леш. Паѝ велам, „Твојата идеологија е измислица: јазикот на непријателот
е робот без пол.“ И таа се смее со нејзиното измислено кавгаџиско смеење. Се раскинуваме
од смеење. Нема да умреме, Боже. Ќе трчаме кон бескрајноста, а сандалите ќе ни клацкаат
зад нас.
Вечноста е измислица.
Сè што било претходно е измислица, и сè она што ќе дојде.
И сите суштества ги подигаат рацете како дрвја сега во оваа измислена песна.
 
 
Превод: Горјан Костоски

mk_MKMK