Дојдов за да имам помал дом,
соба да ме штити од годишните времиња
и огниште каде ќе преноќам
за пепелта да не го повреди.
Имам масичка која ме чека да седнам
и чаша пред мене која е среќна.
Самотниот ластар си потпира
стебленце на прозорецот и го обвиткува ќошето
додека се шири на сите страни
и се предава на судбината
која би ме однела до своите брегови.
Нема полици за да се потпрат книги,
ниту пак перница за мојата глава.
Далеку во планините, заштитен од височините,
орелот ми ја дрпна
раката што ми беше перница.
Може му изградила ново гнездо
или му сварила вечерно чајче,
но тоа веќе не ме загрижува.
„Добро е“, рече мојот учител
и ме фати за рака за да ми го покаже
утринскиот пламен кој пелтечи меѓу
нашите нозе додека газиме по
тоа што останало од ноќта.
Дојдов, за да имам река крај мене
во која ќе ги фрлам моите соништа
за да ги прегрне и тркалајќи
да ги однесе до полунебјето.
Но јас мислам дека ги носи до Господ
и се смеам ко дете.
Мојот учител вели: „Добро е.
Се приближуваш до радоста на заборавот.“
Тој ме научи да го чешлам воздухот со прстите
и да држам вода како топка
без да ми истече низ прсти.
Дојдов, за да имам песна која ќе ја свирам
кога ќе истура дождот на спомени.
Ми го чисти срцето од каење
и ми ја дарува белината на нејзината химна.
А кога моите мисли ќе ме разбудат
гука потивко за да се осигура дека
и јас се молам со неа.
И јас се молам со истите молитви
со неа
и со празнотијата на собата.
Јас сум небаре очајна оргула која наоѓа мир
кога рацете на некој туѓинец
ги кршат нејзините клавиши.
Таванот се шири во мојот мал дом
а тишината со усните на моето чело
ме бакнува пред спиење.
Спокојна сум небаре
сум во рацете на Господ.
Мојот учител молкна кога со зборовите ми го вклешти срцето.
Го впери погледот во моето лице како некој што набљудува
чаша вода.
Како и секогаш, очните капаци ми затреперија
а очите ми се замаглија,
но образите не ми гореа
од солта ко некогаш порано.
Мојот учител рече,
„Добро е“
и си замина без да забележи колку сум збунета.
Продолжи да оди со сериозен чекор.
Се стопи во полунебјето како светлината
која изгрева од телото кога
душата си заминува.
Превод: Никола Ѓелинчески