Нужум Ал Ганем – СНЕГОТ НА ПЛАНИНИТЕ

Седам баш на тоа место
со срцето пламнато од копнеж
а очите маѓепсани од долгиот ходник.
Баш на тоа место
ги запомнувам лицата на минувачите
па ги пуштам да ми се слизнат
како песок низ прстите.
Одненадеж неговото лице упаѓа меѓу нив
и моите мисли запелтечуваат.
Морам ли да го држам в ќелија
или да му отворам врата
да си замине?
Кога велам: ќе внимавам
телесната температура ми расте
а воздухот во собата оладува.
А тој, исчезнува
во треската
и уплавот.
Мислам дека не ќе можам
да го заборавам
а сепак чекорам по сокаците како пердувче
со срцето светло ко снегот
на планините.
 
Превод: Никола Ѓелинчески

mk_MKMK