Нурдуран Думан – КЛЕТВАТА НА УЧИТЕЛКАТА ПО ТРУБА

Клетва врз децата кои ја удираат устинката
со крајот од дланката за да го чујат остриот звук на пукање,
кои ја фрлаат трубата наземи кога ќе се засмеат,
уште помрачна клетва врз оние кои ако паѓаат со трубата
в раце себично се спасуваат самите,
клетва врз детето кое фрли молив
врз ѕвоното на тромбонот за да види дали ќе се случи
тоа што му реков дека ќе се случи, клетва врз девојчето
кое напикало топче во корнетот нејзин
и после кажа дека нејзиниот невидлив пријател бил кривецот,
клетва врз класната која си седи во ќошот
од училницата и пишува во дневникот,
клетва врз учителката која вели „Врска немам од музика“
доволно гласно целиот клас да ја чуе,
клетва врз таткото кој ги премачкал вентилите на трубата од ќерка си
со вазелин оти мислел дека така треба,
клетва врз детето кое поврати во неговиот баритон
ко да му е негова лична кофа.
Чумосани нека бидат со желбата да вежбаат
секој ден без напредок, нека свират
секој викенд по концерти кои вклучуваат марширање
и дивина и студенило, нека фамилиите им се приморани
да ги минат своите саботи слушајќи лоша музика
во селски сали или во недела некаде по тезги,
тие, некое кучиште и некој пијаница заспан тука од претходната ноќ
кој си ја фатил едната и единствена клупа, Господе, и нека истура.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски