Паули Тапио – ОЛКИЛУОТО 2

На Светлана Алексиевич
I. (Неодредени ефекти на зрачење МКБ* – 10 Т66)
И му зборуваше Бог на Мојсеја по смртта на двајцата Аронови
синови, кога принесоа жртва пред Бог, и умреа.
Откако принесоа жртва наскоро сетија голем грч во телата нивни,
и тој ужас се обидоа да го скријат од очи, во тишина и присилно;
но тогаш повратија, пискотни клетви од тага.
И откако долго повраќаа и празни беа стомаците нивни, јадеа и
пиеја а не можеа да се наситат, ами ја исфрлаа сета вода и леб;
и оти беа засмрдени ги изнесоа надвор од куќата Аронова и ги
исфрлија на земја.
Ги оплакуваа болестите и болката своја и чкртаа со забите. И од
страдање такво се тресеа и ги обзедоа красти и жолтица.
И се помолија за милост, но Бог ги удри со лепра и гнојни струпје;
и нивниот ужас и тага беа многу големи; оти почувствуваа дека Бог
ги беше оставил во гневот Свој.
Потем сите мисли и помисли нивни беа поразени од демони за да
гледаат со будните очи избезумувачки вештерки и лажни работи
и не можеа да најдат мир во несвесен сон; оти се будеа од својот
плач и пискот.
Откако беа страдале од овој скрб два дена и две ноќи на третиот
ден умреа.
II. (Опасни материи Тип 1 prEN943/1)
И Господ му рече на Мојсеја, Кажи му на братот твој Арона да
не влегува во светилиштето зад завесата во секое време пред
очистилиштето, што е врз ковчегот на сведоштвото, за да не умре,
бидејќи Јас ќе се јавувам над очистилиштето во вид на облак.
Еве вака да влегува Арон во светилиштето: Тој треба да го облекува
осветениот ленен хитон, на долната половина од телото свое да
има ленена облека и да се опашува со ленен појас, ленен кидар
да става – тоа се свети облеки; прво треба да го измие целото свое
тело со вода и потоа да ги облекува.
Тоа да го направи треба за да не изгине; над очистилиштето ќе се
појавам како голем облак, со оган во него, а околу огнот ќе сјае,
среде него ќе болска како сјаен бакар, од средината на огнот.
А ако некој дојде пред мене без да биде спремен според волјата
Моја ќе дувнам како бурен ветар по земјата, и ќе биде ден на
Божјиот гнев.
А животните личеа на разгорени јаглени, на ламбади. А нозете
нивни – прави нозе; а стапалата нивни како телешки копита. А
пред престолот, пак, имаше стаклено море, слично на кристал, и
видов, настана голем земјотрес; и сонцето стана црно како вреќа
од кострет, и месечината стана како крв. И цареви и
благородниците, и богатите, и војводите, и силните, и секој роб, и
слободен се сокрија во пештери и горски камењари.
Им велеа на планините и на карпите: „Паднете врз нас и сокријте
нѐ од лицето на Оној, Кој седи на престолот и од гневот на Агнецот:
зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев, и кој може да устои?”
И Мојсеј појде кај брата си и му рече што му заповедал Бог, и
обајцата му заблагодарија и го благословија Бога.

Превод од англиски  Никола Ѓелинчески

* Меѓународна статистичка класификација на болестите и сродните здравствени
проблеми (Заб. на прев.)

mk_MKMK