Поздравно обраќање на Амир Ор, добитникот на Златниот венец за 2020 г

Почитувани членови на Советот за наградата „Златен венец“, почитувани македонски колеги и читатели, драги пријатели,
Дозволете ми, најпрво, да ги искажам мојата искрена благодарност и честа за примањето на оваа угледна поетска награда, „Златниот венец“. Се чувствувам длабоко привилегиран и почестен што станувам член на една избрана група лауреати кои ми претходеле. Оваа традиција започнала тука, во земјата што ја величи и ја љуби поезијата, во градот кој е родното место на втемелувачите на македонската поезија, браќата Миладиновци, градот кој во модерните времиња е зачетник на возобновената поетска агора што ја претставуваат Струшките вечери на поезијата. И несомнено, таа традиција ја поставува Северна Македонија на почесен пиедестал на полето на културната значајност за Европа, но и за човековата цивилизација. Не можам да искажам колку возбуда и задоволство ми причини веста за добивањето на наградата. Струга е преплетена во моето поетско патување над 20 години откако мојата книга Давејќи се, дишам жива вода беше објавена во изданието Плејади во 2000 година, долги години пред мојата избрана поезија да биде објавена на српски и на бугарски јазик. Бев сведок преполн со восхит на овој годишен собир на истакнати претставници на нашата Меѓународна поетска република кога Бонфоа, Транстромер и мојот пријател В. С. Мервин беа добитници на престижниот Венец на поезијата, и со враќањето тука во 2020 година како лауреат, чувствувам дека мојата работа е наградена заради тоа што овде сè има слух и љубов за поезијата. Кога се враќам во Струга и во Охрид, знам дека сум меѓу луѓе кои читаат поезија, луѓе со префинет вкус за поезија, кои имаат потреба за поезија и почит кон уметноста на поезијата, луѓе кои ја разбираат нејзината длабока вредност и уникатно значење преполно со мудрост, убавина и дијалог, со мечта и креативност, како и со слободата индивидуално да размислуваме и да чувствуваме. Освен тоа, како Израелец, не можам да заборавам дека моите луѓе, Евреите, дошле во оваа земја уште од 1800 година и придонесувале најмногу што можат. Ниту, пак, можам да заборавам дека нивната долга историја тука завршува во Втората светска војна кога во 1943 година речиси сите Евреи од Скопје, Битола и Штип, мажи, жени и деца, биле депортирани во Треблинка и убиени во гасните комори. Малиот број млади Евреи кои ја избегнале оваа судбина се придружиле на партизаните и многумина го дале животот рамо до рамо со нивните македонски соборци против фашистите. Како спомен за нив, би сакал да го прогласам овој момент посветен на просветлената страна на човековиот живот, како уште еден исчекор кон обновувањето на нашата заедничка врска.

Ви благодарам.