Радмила Лазиќ – ОД МОЕТО „ЦАРУВАЊЕ“

По Адам Загајевски
Историјата на самотијата е долга.
Се состои од низа поединечни,
Си личат една на друга како тревки.
А сепак секоја во срцето си има
Свој глушец или крт.
Секоја зборува на еден од мртвите јазици.
Како што езерото зборува со својот молк.
Вистината е тука некаде.
Се прикрадува како самраците
Меѓу древните стебла.
Кои наликуваат на луѓе.
Но тие се отсутни.
Со нешто зафатени.
Добро е што е така.
Можам да се завртам
И да ја видам шумата како чекори по мене,
Нога пред нога како месечар во сон.
Се случува тоа пред зори
Додека маглата во прамени,
онаа што потсетува на маглина,
Се чади и крева кон сонцето.
Остануваат само засеци,
Искинати завеси,
Низ кои можеш да се протнеш
Од онаа страна,
По својот животопис.
Додека стеблата сѐ уште сонуваат
И тревата сонува.
Се случува како на јаве.
Без жалење.

Превод од српски јазик Никола Кукунеш

mk_MKMK