I
“Нани-ми-нани-в-дрвена-лулка”
Нани-ми-нани-в-лулка-сказна
Нани-ми-нани-в-лулка-збор.
II
Се нишам…
Издолжена рака од не знам каде
во лулката на тишината ме лула.
Лежам во лулката на послушноста…
и слушам мрмор
што ми заличува на сопствениот глас:
Спијте очи мои, спијте.
Спијат ѕвездите во лулката на густата магла
(и додека на едната лулка виси
едно слепо око за сѐ
а на другата
мракот со стари корени,
во сивото платно на маглата
светлината се гаси)
Спијте очи мои, спијте.
Спијат далгите во лулката на ветровите
(и додека на едната лулка виси
едно глуво уво за сѐ
а на другата песната на сирените,
во грмежите на бурите
гласовите се губат)
Спијте мисли мои, спијте
Спијат болките во лулката на
зборовите што сакаме да ги слушаме
и додека на едната лулка виси
везената сказна што восит буди
(сѐ една иста сказна)
а на другата стравот
(сѐ еден ист страв),
низ звукот на дрвените ногалки на лулката
будењето се погребува.
И јас спијам ко доенче
слушајќи го мрморот на приспивната песна
што ја сакам, иако гласот што ја пее
лошо ја пее, иако не ги разбирам
зборовите
јас сепак спијам
ти сепак спиеш
и гласот на лулката
час страв, час студена прегратка
се претвора во сенка
тешка сенка што ме прогонува…
Се лулаат луѓе во лулки од зборови.
Во лулки од зборови се лулаат луѓе.
Луѓе се лулаат во лулки од зборови.
Ме лулаат. Ме лулаат. Ме лулаат.
Но, јас сум будна
а сѐ што се буди
веќе не е исто.